Сопственоста на медиумите е важна
Масовните медиуми влијаат на начинот на кој се гледаат фактите во едно општество и како се дебатира за нив. Независноста и плурализмот во медиумите, овозможувањето различни мислења и гледишта, вклучувајќи и критики кон луѓето на власт, се чувари на здравата демократија, Следењето на сопствеништвото и обезбедувањето плурализам е првиот чекор кон независноста и кон слободата на избор.
Како луѓето можат да ја оценат веродостојноста на информациите, ако не знаат кој ги обезбедува? Како новинарите можат да работат квалитетно ако не знаат кој ја контролира компанијата за која работат? И како надлежните институции можат да се справат со прекумерната медиумска концентрација ако не знаат кој ги држи конците во медиумите?
Сопственичката структура на медиумите може исто така да влијае на тоа како медиумската индустрија управува со своите ресурси. Од неа зависат економската сила и ефикасноста на медиумскиот сектор, што е од посебен интерес за потенцијални инвеститори.
Поради тоа, МОМ се обидува да ја поттикне транспарентноста и да го одговори прашањето „кој може да ја контролира медиумската содржина“, со цел да се зајакне јавната свест и да се создаде база од факти што може да послужи за да се бара одговорност од политичките и од економските играчи за актуелните состојби.
Земјите од Западниот Балкан се уште имаат многу заеднички нешта, и покрај тоа што со децении се независни држави.
Иако во различна мера, тие се соочуваат со мешање на државата во медиумите, партиско или еднострано известување што ги отсликува интересите на сопствениците, лоши станарди, правни и физички заплашувања на новинарите, финансиска нестабилност, слаби податоци за уделот во публиката и во пазарот, тренд кон концентрација и регулаторни рамки што можеби звучат добро на хартија, но слабо се спроведуваат во пракса.
Културна поврзаност и политичка фрагментација
Опсежното регионално истражување на МОМ спроведено од Балканската истражувачка регионална мрежа (БИРН) покажа дека немањето прекугранична регулатива може да биде проблем во регион во кој медиумите од една земја можат лесно да допрат до публиката во друга, поради јазичните сличности.
Тоа им олеснува на другите центри, како на пример Русија, да отворат регионални медиуми преку кои ќе шират пропагандата директно или преку локални партнери.
Во регионот сѐ до падот на комунизмот во раните 1990-ти беа познати само државни медиуми, период во кој Албанија беше во цврста изолација, а по кој Југославија доживеа насилен распад на повеќе различни држави.
Двете држави од северот што настанаа по тој распад, Хрватска и Словенија, се придружија на Европската унија, а и другите имат таква цел, но се соочуваат со многу пречки што треба да ги надминат. Меѓу нив е и прашањето за слободата на медиумите.
Србите, Црногорците и Босанците (како и Хрватите), можат да комуницираат на сличен јазик иако инсистираат на своја различна верзија. И многу Македонци го разбираат тој јазик. Многу медиуми целат кон целата таа публика или кон големи делови од неа.
Етничките Албанци зборуваат јазик што е многу различен од другите, и таму каде што се мнозинство во Албанија и во Косово, и каде што се малцинство, во Северна Македонија и во Црна Гора.
Во 1990-тите многу медиуми од надвор, главно од ЕУ, побрзаа да го освојат овој нов пазар, надевајќи се дека ќе биде лукративен, но потоа во голема мера се повлекоа, откако сфатија дека е многу тешко да остварат профит во земји што по примањата се далеку под европскиот просек.
Но и натаму има регионални медиумски компании, кои се обраќаат на публиката во разни земји или од една база или преку отворање локални медиумски канцеларии во секоја држава чиј пазар сакаат да го освојат. Деталите за структурата, сопствеништвото и за пазарниот удел во овие случаи понекогаш е тешко да се откријат.
Меѓу нив се швајцарската Рингиер, австриски медиумски компании, како и Јунајтед Груп, која е во сопственост на британска приватна фирма, но со потекло од регионот. Нејзина целна група е публиката во цела поранешна Југославија што гледа телевизиски пакети со претплата. Истото го прави и Телеком Србија, во државна сопственост, кој од Белград емитува спортски канали низ регионот.
Странски медиуми со државна поддршка исто така емитуваат програма на локалните јазици, како Ал Џезира Балкан од Катар, со седиште во Сараево, или руската РТ Балкан што работи во Србија, и чии позиции што доаѓаат од Кремљ често се повторуваат од српските медиуми. Ова пак, предизвикува загриженост кај ЕУ, каде што РТ и Спутник се забранети како извори на државно контролирано ширење дезинформации. Регулаторот во Црна Гора го следеше примерот на ЕУ и ги блокираше медиумите поддржани од Русија.
Локалниот шмек на „на ти го – дај ми го“
Откако странските инвеститори главно се повлекоа, а на комерцијалните медиуми им беше загрозен опстанокот поради малите пазари, локалните бизнисмени ги презедоа влијателните медиумски куќи и ги користат каналите што ги плаќаат како гласноговорници на нивните економски и политички интереси.
Тие често негуваат добри односи со државата, со надеж дека ќе си го отворат патот за своите бизнис операции, но владите имаат и дополнителни начини да ги држат медиумите под контрола.
Ова вклучува директно или индиректно сопствеништво, селективно делење грантови или трошење пари за државни реклами, од што зависат многу медиуми, како и задржување на лиценците за емитување или за објавување и нивно доделување само на пријателски медиумски куќи.
Србија, како најголема земја во регионот, направи загрижувачки ретрограден чекор есента 2023 година, кога со нов закон се отстрани повеќегодишната забрана за некаква државна сопственост во медиумите. Најочигледна корист од тоа имаше Телеком Србија, кој сега поседува некои медиуми, но и интернет и кабелски провајдери, преку кои се емитуваат програмите.
Ова е случај на „вертикална“ концентрација на моќта, односно контролирање на повеќе делови од синџирот (додека хоризонтална концентрација е, на пример, да се поседува мнозински удел во весници или во телевизии на еден пазар, или во сите медиумски гранки во земјата).
И во Албанија беше утврдено дека политичката контрола врз медиумите е на загрижувачки високо ниво, а се спроведува главно преку блискоста на приватните сопственици со политичките партии.
Очекувано, печатот е во пад низ целиот регион, а Косово стана првата земја во која веќе не излегуваат дневни весници. Онлајн медиумите се во пораст, но не привлекуваат големи инвестиции и парите остануваат главно во телевизиите.
ЕУ има силно влијание врз шесте влади во регионот. Како дел од нивниот пристапен процес, тие треба да се усогласат со правилата и со вредностите на ЕУ, што вклучува и слободни и транспарентни медиуми со строга регулација, ограничено мешање од државата, заштита на новинарите и еднакви правила на игра без сопственичка концентрација што може да ја ограничи слободната конкуренција.
Иако на хартија има многу закони и регулативи, во реалноста правилата често се заобиколуваат на креативни начини, или, пак, не се спроведуваат ефективно.
Истражувањето на МОМ утврди дека низ регионот поради недостиг на податоци што треба да бидат јавно достапни, има потешкотии јасно да се утврди кој навистина поседува кој медиум.
Слично на тоа, недостигот на веродостојни бројки за уделите во гледаноста и во пазарот ги отежнуваат напорите да се утврди нивото на концентрација во најпопуларните медиуми во рацете на неколкумина.
Различна слика за напредокот
Во последните извештаи на ЕУ за напредокот на регионот, во врска со медиумите, ставот што провејуваше беше „може и подобро“.
Репортери без граници (РБГ), независна организација за слобода на печатот, во 2023 година ѝ даде најниски оценки на Албанија, а по неа на Србија, единствената земја што паѓа на листата и каде што луѓето помалку им веруваат на медиумите од каде било во Европа.
Северна Македонија и Црна Гора се оценети како земји во регионот со најдобри услови за слободни медиуми.
МОМ го анализираше регионот преку сет од 12 споредливи индикатори со кои се проценува ризикот врз медиумскиот плурализам и кои ќе може да се прегледаат на оваа страница или во секој од посебните шест делови.
Regional Overview Western Balkans
Индикатори на ризик за медиумскиот плурализам
- Концентрација на медиумска публика
- Концентрација на медиумскиот пазар
- Регулаторни заштитни мерки: Концентрација на сопственоста на медиумите (хоризонтална)
- Концентрација на сопственост меѓу медиумите
- Регулаторни заштитни мерки: Концентрација на сопственост меѓу медиумите
- Транспарентност на сопственоста
- Регулаторни заштитни мерки: Транспарентност на сопственоста
- Политичка контрола над медиумите
- Политичка контрола врз инфраструктурата
- Државна контрола над медиумските ресурси
- Регулаторни заштитни мерки: Неутралност на мрежата
- Родов дисбаланс во медиумската индустрија
- Висок
- СРЕДЕН
- НИЗОК
- НЕМА ПОДАТОК