Ограничувањата на националните регулативи

Медиумските регулативи на Западниот Балкан функционираат добро во некои делови, утврди истражувањето на МОМ, но во други области, целите што се напишани на хартија не се постигнуваат поради политичко мешање и неефикасност.

Медиумскиот пејсаж во регионот наметнува едно прашање: Како националните институции можат ефективно да го регулираат пазарот за да осигураат дека ќе има конкуренција, различност, транспарентност и пристојност, кога во некои области пазарот не познава граници?

ПРЕКУГРАНИЧНА ДИЛЕМА

Не постои прекугранична регулатива во регионот, иако јазичните, културните и историските сличности овозможуваат заеднички медиумски пазар до одреден степен.

Проблемот не се среќава само тука, но е усложнет поради нееднаквата големина на земјите, политички чувствителната публика од етничките налцинства, релативната младост на конкурентскиот медиумски пазар и, уште повеќе, од регулаторните рамки што треба да воспостават контрола.

Западен Балкан е скратено име за Албанија и за оние делови од поранешна Југославија што, за разлика од Словенија и Хрватска, сè уште не се приклучиле на Европската унија.

Со децении во регионот постоеја само државни медиуми, сè до падот на комунизмот раните 1990-ти, период во кој Албанија беше во цврста изолација, а по кој Југославија доживеа насилен распад на повеќе различни држави.

Медиумите во една земја (дури и надвор од овој регион, како Хрватска или Бугарија) можат да ловат публика и во друга, чиј регулатор има малку контрола врз програмата, освен ако медиумот има локална регистрирана фирма-ќерка.

Ова главно им е од полза на моќните медиуми од големите земји, како на пример Албанија и Србија, чии жители ги зборуваат двата главни јазици што се разбираат и преку нивните граници, и надвор од регионот.

Србите, Црногорците и Босанците (како и Хрватите), можат да комуницираат на сличен јазик. И многу Македонци го разбираат тој јазик. Многу медиуми целат кон целата таа публика или кон големи делови од неа.

Етничките Албанци зборуваат јазик што е многу различен од другите, и таму каде што се мнозинство во Албанија и во Косово, и каде што се малцинство, во Северна Македонија и во Црна Гора.

Националните регулатори ги надгледуваат лиценцираните терестријални радиодифузери, но имаат малку контрола врз телевизиските станици што се емитуваат во земјата преку кабел или сателит, или врз онлајн-медиумите, чија важност расте.

Во Западниот Балкан, каде што етничките тензии и натаму се високи по војните во 1990-тите, ова води до обвинувања за внатрешно мешање на владите од соседните земји (особено од Србија) преку државно-контролирани медиуми.

Многу српски медиуми држат провладина линија, што може да влијае врз Србите во Босна и Херцеговина, Косово и во Црна Гора. Истото се однесува и на албанските медиуми, кои можат да допрат до публиката во Косово и во Северна Македонија, меѓу етничките Албанци. Хрватските медиуми исто така имаат силно влијание во делови од Босна и Херцеговина.

Поголемите регионални или мултинационални медиумски групи основаа подружници во земјите каде што емитуват програма, со што станаа подложни на националната регулатива. Таков пример е албанската Клан Медија која е активна во Северна Македонија. Во овој случај не е потребна прекугранична регулатива, само строго спроведување на законите на локално ниво, но и тоа често недостасува.

Во други случаи, пак, нема локална подружница, или таа е затворена. Српската Пинк Медија ги проддаде своите локални телевизии во 2018 година по интервенција на регулаторите. Но, денес Пинк Медија и натаму емитува програма во Црна Гора директно од Србија.

Повеќемина црногорски функционери ја обвинуват Србија дека го користи Пинк за да шири свое политичко влијание, особено околу изборите. Пинк ги одбива тие тврдења.

ДОМИНАЦИЈА НА РЕГИОНАЛНИОТ ПАЗАР

Постојано имаше медиумски промени од 1990-тите. Тогаш многу големи европски компании (како германската Вестдојче Алгемајне Цајтунг) навалија надевајќи се дека ќе најдат нов пазар на Балканот кој е во процес на демократизација, но подоцна се откажаа кога видоа дека е тешко да остварат профит. Останаа само неколку.

Големите компании денес се „Јунајтед груп“, која е во сопственост на британска фирма со врски во регионот и која лови публика во целата поранешна Југославија преку телевизија со претплата.

Швајцарската „Рингиер“ има силно присуство во Србија, а австиски играчи исто така имаат подружници во регионот.

МОМ имаше потешкотии да добие веродостојни податоци за да ја измери медиумската концентрација дури и на национално ниво, а камо ли да дојде до податоци за транснационално ниво, за да види дали една компанија има загрижувачка контрола врз пошироките пазари во регионот со слични јазици.

Бидејќи немаат мандат, националните регулатори не се занимаваат со оваа тема.

Концентрацијата сама по себе не мора да биде лоша појава, ако е транспарентна. Во регион со мали пазари, силното прекугранично присуство може да биде еден од начините да се обезбеди одржлив бизнис-модел за медиумите.

Кога станува збор за ширењето надворешни влијанија, загрижувачки фактор се разните медиуми во државна сопственост што се отворија во регионот во последните неколку години, иако нивната публика е сè уште мала за да предизвикува загриженост во врска со пазарниот удел.

Најуспешна од нив е веројатно Ал Џезира Балкан, сместена во Сараево, во сопственост на катарската Ал Џезира Медија Нетворк, која е под контрола на државата. Таа има најголема популарност во Босна и Херцеговина, но привлекува гледачи насекаде низ регионот и е една од топ петте странски канали за вести по гледаност во Србија. Ги избегнува етнички пристрасните вести, какви што често се наоѓаат на локалните канали.

Државното кинеско Радио Интернационал има програма на српски јазик и интернет содржина.

Руските државни медиуми остануваат присутни во регионот, како интернет порталите и радио сервисите на Спутник во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и РТ (поранешна Раша Тудеј), која беше забранета во ЕУ поради санкциите, но и натаму емитува програма на англиски и на руски јазик низ Балканот, преку кабел и сателит.

РТ основаше и интернет и телевизиска подружница на српски јазик, наречена РТ Балкан.

Србија е најблизок сојузник на Русија во регионот, каде што проруските чувства се силни. Содржината од Спутник и РТ се распространува широко преку српските медиуми.

„Србија треба да преземе итна акција да се спротивстави на анти-ЕУ наративите пропагирани од бројни медиуми, и да се спротивстави на странските информативни манипулации и мешање, најмногу во контекст на руската воена агресија врз Украина“, се вели во извештајот на ЕУ за Србија за 2023 година.

НАЦИОНАЛНА РЕГУЛАТИВА

На национално ниво има добри законски и регулаторни рамки за медиумите, но има недостиг од податоци за медиумските пазари и за сопствениците, а често нема волја да им се застане на патот на политичарите.

Регулаторите треба да осигураат слободна, фер и плуралистичка медиумска сцена преку спречување притисоци од државата или од владејачката партија, одржување етички и професионални стандарди и преку спречување контролата врз медиумите да падне во рацете на неколкумина.

Оваа концентрација на сопствеништвото може да биде „хоризонтална“ - прекумерен удел на пазарот на печатените медиуми, радиото, телевизијата или во онлајн информативната сфера, или „вертикална“ - каде што еден сопственик контролира различни делови од синџирот, како на пример луѓето што ја создаваат содржината и средствата со кои таа се дистрибуира, на пример кабелските или мобилните мрежи, дури и печатниците.

Во повеќето земји на Западниот Балкан има сосема различни закони и регулаторни тела што го контролираат радиодифузниот и телекомуникацискиот пазар, што значи дека не се внимава на вертикалната концентрација. Во многу исто така има различни правила за одделните медиумски сектори, дозволувајќи еден сопственик да заземе значителен удел во пазарот и кај радиодифузните медиуми, и кај печатот и кај онлајн-сферата.

Србија напредна на ова поле преку промените на законите за јавни информации и за електронски медиуми во 2023 година, но тој напредок беше засенет од изненадувачките амандмани со кои за првпат по една деценија телекомуникациските компании можат да купуваат медиуми, нешто што државниот Телеком Србија и онака го правел со години.

Од последното истражување на МОМ пред шест години, медиумскиот плурализам продолжи да се намалува во Србија, делумно поради слабите институции и регулаторни системи.

Европската комисија, извршното тело на ЕУ, рече дека српското Регулаторно тело за електронски медиуми (РЕМ) „не успева да ја покаже својата независност на доследен начин и да ги исполни своите обврски за целосно зачувување на медиумскиот плурализам и на професионалните стандарди“.

Организацијата за медиумска слобода Репортери без граници побара да запре „токсичното“ регулирање на медиумите, критикувајќи го потегот на РЕМ за доделување лиценци за емитување програма на национално ниво на провладини медиуми.

Како и секаде, уделот на интернетот како извор на вести и информации расте, но регулацијата не го следи во чекор.

Косово, каде што просечната возраст е околу 30 години, споредено со 43 години во Србија, има една од највисоките стапки на користење интернет и води во регионот по користењето социјални мрежи.

Истражувањето на МОМ за косовските сопственици на медиумите откри недостиг на транспарентност, што произлегува од слабата регулативна рамка. Напорите да се откријат крајните сопственици (оние што навистина ја имаат моќта, наместо лажните сопственици на чие име можеби е регистрирана компанијата) беше со ограничен успех. Не постои ни законска основа да се спречи едно лице да поседува премногу медиуми, утврди МОМ.

Регулаторот, Независната медиумска комисија, ветуваше дека ќе преземе нови чекори во овој правец пет години. Кон крајот на 2023 година таа објави нацрт-правила што, меѓу другото, ќе го ограничат странското сопствеништво на медиумите на малцински удел.

Репортери без граници велат дека регулаторот бил неефикасен, а двајца негови членови - генералниот директор и административниот директор биле обвинети во случај на корупција. Сепак, РБГ ја избалансира својата процена со охрабрувачки коментари: владата направила значителен напредок во деполитизирањето на јавниот радиодифузер, на регулаторните тела и на медиумското законодавство.

Во Албанија законите ги покриваат само аудиовизуелните медиуми и не ја дефинираат медиумската концентрација, поради што МОМ оцени дека ризикот од таква концентрација е висок.

ЕУ и даде на Северна Македонија релативно добри оцени за медиумската слобода, но го повика парламентот да ги финализира назначувањата во медиумскиот регулатор и во програмскиот совет на јавниот радиодифузер, нешто што се одложува со години.

Босна и Херцеговина, со својата комплексна политичка структура, има само национален закон за комуникации, со кој делумно се регулираат медиумите, како и закон за јавна радиодифузија. Сè уште нема закони за транспарентност во сопствеништвото на медиумите и за рекламирањето. Властите во Република Српска, делот од земјата каде што припаѓа на босанските Срби, почнаа да подготвуваат нови закони, но новинарите се жалат дека овој процес не е доволно транспарентен и дека нема соодветна консултација.

РБГ вели дека кривичното гонење за клевета, што е напуштено во најголемиот дел од Европа, но е вратено во Српска во јули 2023 година, му штети на граѓанското општество и ја ограничува слободата на изразување.

  • Project by
    BIRN HUB
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union