Државна контрола: Ја гледате ли?
Истражувањето на Media Ownership Monitor’s (МОМ) покажа дека владите во многу земји од Западниот Балкан се уште имаат влијание врз медиумите, и покрај тоа што уставите и законите го забрануваат тоа.
Истражувањето на МОМ покажа дека владите во многу земји од Западниот Балкан сè уште имаат влијание врз медиумите, и покрај тоа што уставите и законите го забрануваат тоа.
Пред нешто повеќе од три децении, под државна контрола беа сите или речиси сите во комунистичката Албанија и во Југославија, федерацијата на која ѝ припаѓаат другите пет држави што денес се дел од Западен Балкан.
Низ трауматичната и на места насилна транзиција од комунизмот кон слободното пазарно општество, се создаде поплуралистички и поразновиден медиумски пејсаж, со странски инвеститори што дојдоа во потрага по профит, но потоа си отидоа.
Денес државата сè уште има силна контрола во некои земји како Србија и Албанија, додека другите направија поголеми чекори во оттргнувањето на оние што се на власт од медиумите што треба да ја следат нивната работа.
Детална слика за политичката контрола врз содржината, мрежите за дистрибуција и врз финансирањето на медиумите може да се види низ индикаторите за ризик на МОМ, кои што може да се споредуваат тука или во шесте поглавја од овој регионален кластер за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Владите, или луѓето на власт, можат да ги контролираат или да ги заплашуваат медиумите на многу начини: преку директно или индиректно сопствеништво, контрола врз регулаторите што издаваат медиумски лиценци, сојузништво со приватните сопственици, доделување грантови или државни реклами со кои медиумите се ставаат во економска зависност, или едноставно заплашување на новинарите.
ДИРЕКТНО СОПСТВЕНИШТВО
Низ целиот регион државните радиодифузери беа трансформирани во јавни радиодифузери, барем според името, и со различен степен на успешност. Претходно беа гласноговорници на владејачката партија, а сега повторно се финансираат со јавни пари, преку радиодифузна такса или на други начини, но треба да бидат настрана од државното влијание, со независна управа и со непристрасна уредувачка политика.
Реалноста е често различна од тоа, и политичкото мешање почнува од самиот врв.
Во повеќето случаи парламентот ги назначува првите луѓе на јавниот радиодифузер. Во еден динамичен политички систем со многу различни партии, може да се создадат механизми на политичка контрола и балансирање. Од друга страна, бескрајните препукувања може да ги претворат привремено назначените функционери во квази-трајни, а тие ќе работат во корист на онаа партија што ќе ја држи позицијата.
А во парламенти каде што доминира една партија, самите назначени функционери ќе го донесат политичкиот притисок со нив.
Истражувањето се потпира на наоди на организации како Фридом Хаус, која нотира дека во Србија владејачката политичка партија генерално добива најмногу внимание од радиодифузерите што ги поседува и ги управува државата.
За Босна и Херцеговина се наведува локалните и регионалните јавни радиодифузери често работат како партиски платформи, особено во српскиот дел од државата.
Утврдено е и несоодветно влијание врз уредувачките политики на косовскиот јавен радиодифузер, иако парламентот таму презема чекори да го деполитизира назначувањето на управата.
Фридом Хаус попозитивно го оценува јавниот радиодифузер во Црна Гора, РТЦГ, за кој се вели дека постигнал напредок кон тоа да стане вистински сервис за граѓаните, со балансирана уредувачка политика и со поинклузивна и поразновидна политичка содржина. Истражувањата на јавното мислење покажале раст на довербата на јавноста во РТЦГ и зголемена гледаност.
ИНДИРЕКТНО СОПСТВЕНИШТВО
По период на ветувачки реформи, Србија покажува најочигледно назадување во регионот кога станува збор за индиректното државно сопствеништво.
Во 2014 година се донесоа клучни закони со кои се забрани директна или индиректна државна контрола во кои било медиуми. Следствено на тоа, државата ги продаде сите свои локални медиуми, но ги задржа влијателните национални весници како Политика и Вечерње Новости.
Се чинеше дека земјата прави нови чекори напред годинава, со измени во медиумските закони, во голема мера поддржани од ЕУ, како кодифицирање на улогата на Советот за печат и обезбедување поголема транспарентност кај јавното кофинансирање програми.
Но, овој напредок беше покриен со измените донесени во последна минута, со која се ревидираат елементи од реформите од 2014 година. Законите усвоени кон крајот на 2023 дозволуваат телекомуникациските компании во државна сопственост, или во пракса гигантот „Телеком Србија“, да купуваат и да управуваат со медиуми.
„Телеком Србија“ влезе на медиумскиот пазар во 2004 година, кога го основаше интернет порталот Мондо. Оттогаш се впушти во трансакции што укажуваа на голема медиумска експанзија, преку купување влијателни издавачки и радиодифузни компании низ регионот.
Во 2018 година Мондо ја купи „Адрија Медија Груп“, која го издава Курир, еден од најпродаваните таблоиди, а исто така купи и кабелски оператор што поседува две национални терестријални телевизии - Прва и Б92. Во 2022 година фирмата ќерка на „Телеком“, „Арена“, почна да емтува спортски канали низ целата територија на поранешна Југославија, вклучително и во Хрватска и во Словенија.
Ова ниво на вертикална концентрација не само што беше дотогаш незабележано во регионот, туку стана и проблематично во регулациска смисла. Сега е легализирано.
КОНТРОЛА ВРЗ РЕГУЛАТОРИТЕ
Уставите и законите гарантираат слободни и фер медиуми, а регулаторите треба да го следат тоа. Но, тие можат да бидат под влијание и на државата.
Репортери без граници (РСФ) даде на Албанија најниска оценка за слободата на печатот во регионот во 2023 година, тврдејќи дека назначувањата во јавните медиуми и регулаторите се политизирани. Тие, исто така, соопштија дека на Регулаторното тело за електронски медиуми во Србија му недостасува независност и го критикуваа откако четири телевизиски канали со национално емитување беа доделени на провладини медиуми во 2022 година.
Во однос на Косово, РСФ ги поздрави првите чекори преземени за зголемување на независноста на Работното тело за медиуми со професионални назначувања.
ПРИЈАТЕЛСКИ СОПСТВЕНИЦИ
Најголемите медуми во Албанија се во сопственост на моќни семејства што имаат блиски врски со политичарите и водат разни бизниси, од градежништво до трговија со нафта. Иако има многу медиуми со оглед на малиот пазар, нивното известување често одразува силна пристрасност кон економските и политичките интереси на нивните сопственици.
Истражувањето на МОМ утврди дека медиумите чии сопственици имаат специфични политички врски покриваат околу 98 отсто од албанската публика. Во оваа земја, каде што Социјалистичката партија е на власт од 2013 година, МОМ ја оцени политичката контрола врз медиумите како висока.
ФИНАНСИРАЊЕ СО ГРАНТОВИ
На мали и фрагментирани пазари одржливоста е голем проблем и некои медиуми преживуваат со вбризгување кеш од државата, во форма на грантови за програма или државни реклами.
Државната поддршка за време на пандемијата со Ковид-19 спаси од пропаѓање многу медиуми, но тие се сè уште очајни за државна финансиска помош, по можност без да мораат за возврат да заземат провладина страна во уредувачката политика.
Во Црна Гора, најмалиот пазар, кој има три дневни весници, пет национални телевизии и 150 други регистрирани медиуми за само 620.000 жители, државата им плаќа да произведуваат образовна и културна програма или содржини наменети за малцинствата. Управите на медиумите, и комерцијалните и локалните јавни медиуми, бараат повеќе државна помош за да не пропаднат.
Во Србија, државното финансирање е веќе значително, но грантовите се доделуваат нееднакво и затскриено, иако целта на законските измени во 2023 година беше да се добие појасна слика за тоа. Многу медиуми, особено локалните, имаат скромен приход од реклами и се потпираат на државна поддршка, пред се грантови за кофинансирање разни приказни.
Албанската влада го користи принципот на стапот и морковот за да ја обликува медиумската работа. Некои истакнати медиуми добиваат субвенции и поволности, но оние што ја критикуваат владата се соочуваат со казни, инспекции и други мерки.
Индиректното државно финансирање е голем извор на финансирање за албанските медиуми, но затскриената и дискриминаторска распределба на овие пари ги подгрева сомнежите кај меѓународните набљудувачи за тргување со влијание.
Софистицираната пропагандна машинерија, финансирана со јавни пари, емитува соджини спакувани од претходно, кои се распределуваат низ телевизиските станици и онлајн медиумите. На пример, едно неодамнешно истражување покажа дека во провладините медиуми известувањата за главниот град Тирана биле речиси исти како и соопштенијата што ги објавува општината.
ФИНАНСИРАЊЕ ПРЕКУ ОФИЦИЈАЛНО РЕКЛАМИРАЊЕ
Северна Македонија е мал, но преполн пазар со толку силна конкуренција што 33 телевизии се затворија во последните 12 години. Сепак, денес сè уште има 43 телевизии за нешто повеќе од 1,8 милиони луѓе.
Во надеж да обезбедат опстанок, медиумите бараат поддршка од државата. До 2016 година таа беше најголемиот рекламер. Десничарската влада што беше на чело на земјата од 2006 до 2016 година им плати на „пријателските“ медиуми повеќе од 26 милиони евра за да емитуваат кампањи за разни теми како етика, здрави храна и живот.
Државата го затвори овој вентил во 2017 година. Новата влада, предводена од социјалдемократите, ги забрани кампањите од јавен интерес за да го спречи ширењето на влијание.
Овој навидум позитивен чекор имаше непредвидливи последици. Без државните пари многу медиумски компании се соочија со финансиски потешкотии. Телевизиските компании ја молат владата да го врати законот и ова наскоро ќе се случи, но со заштитни мерки.
Трошењето на јавните пари мора да биде строго наменето за кампањи од јавен интерес, а локалните власти можат да плаќаат само локални и регионални медиуми. На овој начин државата ќе гарантира дека ќе обезбеди меѓу три и четири милиони евра секоја година.
ЗАПЛАШУВАЊЕ НОВИНАРИ
На крајот, но и најважно за новинарите, државата може да ја користи својата моќ на заплашување за да издејствува позитивно известување.
И бизнисмените го прават истото, преку поднесување тужби, т.н. SLAPP (Strategic lawsuits against public participation - стратешки тужби против јавно учество) против новинарите што фрлаат светло врз нивната работа на начин што не им се допаѓа.
Посакуваниот резултат, самоцензурата, денес доминира низ регионот.
Новинарите што се критички кон албанската влада се изложени на политички напади и кампањи за оценување. На пример, градоначалникот на Тирана нарече една новинарка „платен убиец“, кога таа постави прашање во врска со истрага за договорите за управување со отпад.
Во Србија регулаторите се критикувани дека не преземаат ништо за да ги спречат политичките напади врз новинарите што се поттикнати од членови на владејачката елита и се засилени од некои национални телевизиски станици. Независните новинари често се соочуваат со ограничен пристап до интервјуа со владини претставници и до јавни информации.