Концентрација – секогаш лоша?

Целта на Мониторингот на сопственоста на медиумите ( Media Ownership Monitor’s - МОМ) е, како што сугерира и самото име, да дознае кој го поседува кој медиум и дали некоја страна има преголема контрола врз вестите и информациите што граѓаните може да ги добијат.

Ова може да биде голем предизвик дури и во целосно функционални демократии, така што вистината може да биде затскриена зад мрежи од тајни офшор-компании, комплицирани корпоративни структури или вкрстени холдинзи, или лажни сопственици - користење роднини или пријатели за да се сокрие вистинскиот сопственик, кој навистина ја има контролата.

Граѓаните треба да знаат кој стои зад информациите што ги добиваат, за да можат подобро да ја проценат нивната веродостојност.

Дури и ако е јасно кој е сопственик, може да биде тешко да се утврди колку тој е влијателен. Тоа зависи од уделот на медиумот во публиката и од пазарните приходи во нивниот сектор и во сите медиуми.

Државите од Западниот Балкан обично имаат јасни регулативи за пријавување на сопственоста, но да се добие оваа информација не е лесно. Неколку држави направија добар напредок со нацрт-законите што ги објавија неодамна за да ја надминат оваа состојба. Патот е долг, но неопходен, и за општествата и за нивните амбиции да се придружат на Европската унија.

Иако тоа им е законска обврска, компаниите може да не достават информации до официјалните органи, а тие немаат ресурси за да ги гонат поради тоа. Институциите како регистрите на компании, медиумските регулатори, даночните управи или министерствата за финансии не секогаш ги прават своите податоци достапни за јавноста и често не одговараат на барањата за информации, повторно поради недостиг од време или од кадар, но во некои случаи и поради чисти политички мотиви.

МОМ зеде примерок од медиумите во секоја земја кои што имаат најсилно влијание врз јавното мислење за да утврди кој ги поседува и колкав дел од пазарот контролираат тие.

Првите чекори беа да се видат интернет-страниците на компаниите за да се побараат овие информации, или да се прочитааат годишните извештаи. Или, едноставно, да ги прашаме. Ако тоа успее, ќе се смета за редок случај на проактивна транспарентност.

КОИ ГИ ПОСЕДУВА ВАШИТЕ МЕДИУМИ?

Во Босна и Херцеговина, на пример, околу една четвртина од медиумите земени како примерок, вклучувајќи и некои големи имиња, немаа објавено импресум на своите страници со кои се декларира сопствеништвото и авторството на изданието, или неговата адреса. Околу 15 проценти немаат никакви информации за нивните сопственици.

Сè уште има случаи на лажно сопствеништво, каде што се различни личности тие што официјално се регистрирани како сопственици и тие што навистина ги контролираат уредувачките политики и судбината на компаниите. Додека во некои земји националните регистри на компании или на медиуми јавно ги објавуваат информациите за сопственичката структура, во други земји овие податоци се плаќаат или може да се добијат само со судска наредба, како на пример во Босна и Херцеговина, каде тимот на МОМ мораше да поднесе барања за информации до локалните општински судови каде што медиумите беа регистрирани.

Во некои случаи станува збор за очигледни политички мотиви.

САД велат дека таков е случајот со Алтернативна телевизија Бања Лука (АТВ) во Босна и Херцеговина. Тие тврдат дека таа припаѓа на компанија со блиски врски до семејството на лидерот на Република Српска, Милорад Додик, но и тој и телевизијата ги отфрлаат тие тврдења.

„Додик ја презеде АТВ за намерно да ја шири својата агенда, што вклучува и деградирање други политички личности“, се вели во изјава од американската влада. „Додик лично воспостави контрола врз АТВ“.

Босна и Херцеговина не е единствениот пример со медиумски компании со скриени сопственици и со ограничени информации за тоа кој навистина ја има контролата.

Во Косово МОМ постави прашања до 44 медиуми за нивните сопственици, а одговор добивме само од 15. Барајќи информации за сопственици регистрирани во странство, добивме одговори од Северна Македонија, но релевантните регистри во Холандија и во Луксембург одговорија дека не откриваат информации за крајните сопственици.

Во Црна Гора истражувачите открија различен проблем, поврзан со непрофитните медиумски организации. За разлика од комерцијалните медиуми, тие не треба да ги откријат управувачката структура и информациите за финансирањето, а можат да добијат донации и државна помош без контрола.

„Има многу простор за манипулации и за злоупотреби“, вели Горан Ѓуровиќ, првиот човек на Медија Центар, невладина организација од главниот град Подгорица. „Тие што се заинтересирани да промовираат главно пропагандни содржини преку непрофитни медиуми имаат широко поле да дејствуваат, кое што не е надгледувано од никого“.

Црногорската медиумска унија вели дека публиката често нема поим кој е зад некој интернет портал или зад друга медиумска компанија бидејќи регистрирањето медиуми не е задолжително со закон. „Оставен е широк маневарски простор за изворите на политичкко и економско влијание“, вели унијата.

Во октомври 2023 година владата рече дека може да му даде овластувања на регулаторот на електронски медиуми да ги присили компаниите да ги откријат своите „вистински сопственици“ и да спречи прекумерна доминација на пазарот.

ШТО ЗНАЧИ ПРЕКУМЕРНА ДОМИНАЦИЈА?

Според методологијата на МОМ, медиумската концентрација се оценува како висока ако четворицата главни сопственици во која било медиумска гранка – телевизија, радио, печат или онлајн, имаат повеќе од половина од уделот во публиката или во пазарниот удел измерен според приходите. Другите индикатори ја следат концентрацијата низ сите медиумски гранки, со различни прагови за нешто да се обележи како високоризично.

МОМ не ја истражуваше прекуграничната концентрација, што е до некаде запоставена област на пазарите што претекуваат преку границите поради сличните јазици, наследства и култури.

И покрај нецелосната слика, се чини дека најголемата концентрација на медиумскиот пазар во регионот е во Албанија и во Србија. Србија е најголемиот пазар со седум милиони луѓе, а Албанија е следна со околу 2,8 милиони луѓе.

Босна и Херцеговина е посебен случај, со околу три милиони жители, но со два ентитети со поделена медиумска сцена.

На другата страна на вагата, Северна Македонија и Црна Гора се чини дека се помалку проблематични кога станува збор за концентрирањето на контролата врз медиумите во рацете на неколкумина. Сепак, ризикот од концентрација останува висок во двете земји поради недостигот од податоци за уделот во публиката, што би овозможило подобро да се измери концентрацијата.

Во Албанија сопствеништвото се чини разнолико на површината, навидум со мешавина од бизнисмени и новинари на чело. Сепак, подеталното истражување од МОМ откри концентрација на моќта во неколку семејни конгломерати што доминираат во радиодифузијата, како и во печатот.

Податоците покажаа малку напредок во петте години од последното истражување на МОМ.

Позитивно е тоа што медиумската концентрација е благо намалена од последниот преглед на МОМ на Албанија. Концентрацијата на уделот на пазарот кај терестријалните телевизии беше 89,6% во 2018 година, а во 2023 година падна на 72,4%, поради падот во пазарниот удел на семејството Хоџа (Топ Медиа) и влезот на нови играчи (А2, Си-Ен-Ен и Еуроњуз Албанија). Исто така, групацијата Клан ја продаде телевизијата АБЦ Њуз, со што уште повеќе се намали пазарната концентрација. И покрај тоа, концентрацијата на пазарот и натаму е значителна и е означена како високоризична за медиумскиот плурализам.

ЕУ во својот извештај за Албанија за 2023 година рече дека вкрстените бизнис и политички интереси, скриеното финансирање и концентрацијата на медиумската сопственост и натаму ја попречуваат независноста на медиумите, плурализмот и квалитетот на новинарството.

Во Србија, втората земја во регионот каде што МОМ и претходно истражуваше, индикаторот за ризик од концентрација во уделот од публиката останува висок.

Косово сè уште нема законска основа да спречи концентрирано сопствеништво, иако медиумите се заштитени со уставот. ЕУ го критикуваше за тоа и за неуспехот да се подобри транспарентноста во сопствеништвото. Но, во октомври 2023, медиумскиот регулатор конечно објави нацрт-регулација на ова прашање, што меѓу другите предложени решенија предлага и плафон од максимум 49 отсто странско сопствеништво во лиценцираните медиуми.

ДАЛИ ПАЗАРНАТА КОНЦЕНТРАЦИЈА СЕКОГАШ Е ЛОША РАБОТА?

Иако идеално е да се избегнува концентрацијата на сопствеништвото, наметнувањето строги граници може да има други ненамерни последици на нестабилните пазари. Може да ги направи медиумите комерцијално одржливи, што го отвора патот за бизнис-моќници да навлезат во пазарот како последни финансиери. Тие заработуваат доволно пари од други бизниси за да ги надоместат загубите од медиумскиот бизнис, и во тој случај тој ќе им служи како гласноговорник за туркање на своите бизнис и политички интереси.

Северна Македонија, на пример, има најнизок праг во светот за дозволено сопствеништво врз различни типови медиуми (нула), но медиумите се жалат дека тоа ги задушува економски.

Слаби податоци

Западниот Балкан се соочува со генерален недостиг од веродостојни и јавно достапни податоци за пазарот, за да може да се одреди медиумската концентрација.

Уделот во публиката се мери од приватни рејтинг агенции, главно за да им се помогне на рекламерите да знаат колкав досег и колкава вредност има еден медиум. Но нивните податоци често се нецелосни или не се јавни.

Во Албанија само една агенција за истражување на публиката остана активна, од трите што нуидеа таква услуга пред пет години. Таа доставува податоци само за телевизија, па дури и во тој случај бројките за големата Топ Ченел телевизија не може да се објават поради правни спорови. Не се достапни податоци за весниците, радијата или за онлајн медиумите.

И во Северна Македонија податоците за публиката се нецелосни, неверодостојни, или двете. Само пет од 43-те телевизиски станици знаат колкав им е рејтингот, со бројки за гледаност мерени од реномираната агенција Нилсен, но тоа чини пари, а само петте големи телевизии сакаат да платат. Телефонските анкети на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги делумно ја пополнуваат празнината за другите радиодифузери, но тие не се идеални. Весниците објавуваат бројки на отпечатени примероци, но не и колкав број се продале, што е покорисен податок. За онлајн медиумите, како и во повеќето земји, нема унифициран систем за мониторинг.

Косово нема официјални податоци за публиката.

Тоа значи дека во голема мера пазарите во регионот мораше да се мерат без соодветен критериум. Некои медиумски активисти велат дека бројките што се достапни може да бидат манипулирани или, со други зборови, да служат на лични интереси.

Пазарниот удел, според приходите, исто така треба да биде јавно достапна информација, но често не е така, а сензитивноста често се наведува како причина. Секогаш има тензија во оваа област, но се чини дека некои регулатори се договориле со компаниите да не објавуваат ниедна нивна бројка.

Друг голем проблем е што медиумските компании се често фирми-ќерки на поголеми корпорации или конгломерати, кои обезбедуваат само вкупни податоци.

Финансиски најуспешниот медиумски конгломерат во Србија е типичен пример. Пинк Медиа Груп има приходи од 8,5 милијарди нинари (73 милиони евра) и профит од 2,2 милијарди динари во 2022. Но оваа команија-мајка управува со дузина телевизиски канали, дигитални платформи и немедиумски бизниси. Не беше можно да се добијат податоци за перформансите на поединечни медиуми во групата, како на пример Телевизија Пинк или Радио Пинк.

Во Србија медиумите и медиумските компании не објавуваат податоци за приходите од рекламирање или за нивниот удел во пазарот.

Во Косово, речиси ниеден медиум не објавува финансиски податоци. Агенцијата за регистрирање бизниси во Косово и Независната медиумска комисија обезбедија по барање некои податоци за уделот на пазарот, но Министерството за финансии не објасни зошто извештаите за повеќето медиуми не може да се најдат на нивната интернет страница, како што е правилно. Даночната управа одби да сподели податоци повикувајќи се на доверливост.

  • Project by
    BIRN HUB
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union